Случајот „Рекет“ во најмала рака е шокантен, но за да така лесно се случува пред „очите“ на надлежните институции, сметам дека е олицетворение на рекет-културата којашто како лоша практика се создаде за време на (над)децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, нефункционалноста и разјаденоста на најважните институции во државата како и шпекулативното наместо истражувачко новинарство зачинето со лажни вести кои повеќе и штетат на истрагата отколку што и користат, вели пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски во интервју за Фактор.
-Овој случај, во мошне значаен период доаѓа како тест за функционирањето на правосудниот систем, органите на прогон и владеењето на правото и правната држава, со чие решавање или ќе се загуби или ќе се зацврсти довербата на граѓаните. Јас сум убеден дека ќе бидеме сведоци на второто. На голем дел од јавноста им е чудно, а опозицијата е збуната што оваа власт, за разлика од претходната, не го штити криминалот, не ја гае корупцијата и не рекетира, туку ги лови криминалците, корумпираните и рекетарите, независно кои се. Сметам дека истрагата ќе стави крај на шпекулациите, озборувањата, претпоставките и предрасудите кои се развиваат тогаш кога не се делува – вели Кирацовски.
Тој додава дека првосомничениот во случајот Бојан Јовановски – Боки 13 се сретнувал со многу луѓе, но, како што истакнува, тоа не значи дека високи функционери од СДСМ би се впуштиле во вакво злодело.
-Познанството или пријателството е една работа, нечие делување надвор од законите е сосема друга. Никој од сите нас немало ниту што да крие ниту што да манифестира со било кого. Ниту моите колеги, ниту јас сум можел да претпоставам што се наш познаник прави и какотоа се одразува врз нас. Бојан Јовановски имаше средби со стотици поединци, како сопственик на 1ТВ, но и како претседател на Меѓународниот сојуз каде членуваа многу истакнати општественици, честити луѓе. Иако лично не сум бил дел од таа невладина организација, знам дека добар дел од членовите на истата воошто не би ни помислиле на било какви незаконити дејствија – посочи пратеникот од СДСМ.