Кирацовски: СДСМ не го дели ставот со Зекири за хомосексуалноста

by fokus

„Ние како партија не го делиме тоа мислење со Зекири и ги гледаме сите аргументи пред да донесеме партиски одлуки, тоа е негово лично мислење“, вели за Фокус генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски за изјавите на нивниот потпретседател дека тој ја осудува хомосексуалноста.

„Фејсбук профилот е приватна сопственост и секој има право да пишува она што ќе реши дека сака. Официјалните партиски ставови се градат во органите и телата на партијата и кај највисокото раководство, на конгрес, во Извршниот одбор, во Централниот одбор. Ова не е партиски став, туку личен и тој има право на тоа“, смета Кирацовски.

Политичките аналитичари и познавачи велат дека на повеќе нивоа се скандалозни ставовите на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири кои ја осудуваат хомосексуалноста преку религиски пораки и изреки од Исламот.

Додека во Европа и светот социјалдемократските партии се борат за легализација на геј браковите и унапредување на состојбата на човековите права на овие лица, потпреседателот на СДСМ, Мухамед Зекири на неговиот Фејсбук профил постираше религиозна изрека од пророкот Мухамед која често се користи во контекст на осуда на хомосексуалноста.

Ставовите на Зекири го вадат на површина лицемерието на политиката кога се работи за идеолошките вредности, велат аналитичарите. Зошто се прави промоција на конзервативни и религиски вредности во социјалдемократска партија која би требало да имаат прогресивни политики за човековите права и слободи?

Според политичкиот аналитичар, Јордан Шишовски се работи за лоша пракса од повеќе аспекти, затоа што станува збор за употреба на кодиран јазик кој за пошироката јавност е нејасен и збунувачки, но е сосема јасен за целната група кон која е упатен.

„Цитирање на хадити од светите писма во кои се проколнува „народот на Лот“ за пошироката јавност е нејасно и збунивачко. Но, ако го отвориме Коранот (Ел-Камер (54) 33-36) јасно ќе видиме дека „народот на Лот“ се жителите на Содома и Гомора. Секое толкување сепак поаѓа од контекстот. А, политичкиот контекст на вчерашниот ден е дека господинот Манојловски од ДУИ на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците побара целосна еднаквост на брак и за лицата од ЛГБТИ заедницата. Оттука, сосема е јасно дека повикот на господинот Зекири е насочен против ЛГБТИ заедницата. Да нагласам: овој повик воопшто не е наивен. Имено, воопшто не станува збор за аргументирано искажување на филозофски и политички став, туку повикување на религијата – светите списи – во политичкото со цел предизвикување омраза и раздор. Тука запира секоја аргументација и стоиме на прагот на отворање на пандорината кутија на верскиот екстремизам!

Од друга страна, господинот Зекири е потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Ова е социјал-демократска партија која традиционално беше дел од либералниот политички центар. Но, на последните избори се претстави како прогресивна (левичарска) партија. Тоа значи дека оваа партија би требало да има прогресивни политички гледишта особено по прашањата на човековите права и слободи. Се поставува прашањето – што бара личност која очигледно има ултра-конзервативна фундаменталистичка определба во врвот на една либерална/прогресивна партија?!“, вели Шишовски.

Социјалдемократија со конзервативна определба?

Тој потсетува дека неодамна, лидерот на британската Либерал-демократска партија Тим Фарон (Tim Farron) даде оставка на претседателската функција токму од истата причина – колизија меѓу неговите лични верски фундаменталистички гледишта за абортусот и еднаквоста на бракот, со политичките гледишта на неговата либерал-демократска партија.

„За жал, политичкиот живот во Македонија е далеку од стандардите на чесност што владеат во развиените демократии.Оваа чесност во развиените демократии не извира од „големата моралност“ и „чесност“ на политичарите. Таа извира од нивниот страв од јавноста! Јавност со силен граѓански сектор, бескруполозни медиуми, јака академска заедница,  доследна и принципиелна интелигенција ќе го прегази секој недоследен политичар! За жал, македонската интелектуална, прогресивна јавност повторно потфрли затворајќи се во нелагоден молк, селективна критичност и одбрана и правдање на ‘своите’“, додава Шишовски.

Мариглен Демири од партијата Левица вели дека ваквите пораки никако не се компатибилни со социјалдемократијата.

„Политичкиот контекст во кој се внуши оваа политичка клика со поставениот притисок како императив дека мора режимот да падне, импликациите се овие. Вредносна инкомпатибилност со политичкиот профил, колку и да е отуѓен од есенцијата, на социјалдемократијата, а тоа само за обезбедување на гласови на избори. Се надевам дека грешам, но сметам дека овие акциденции на дотичниот потпретседател ги знаеја од СДСМ уште пред да побараат од него да им се придружи. Се надевам дека на политичко и институционално ниво нема да се применат политиките поттикнати од овие вредности промовирани со фејсбук статусот.

Постојат и прогресивни и конзервативни Албанци. Зекири им се обраќа на овие вториве (конзервативните). Партија којашто им се обраќа на конзервативните, а со тоа нема некаков еманципирачки мотив, не може да се нарече пред се социјалдемократска. Треба да ни стане јасно дека во Македонија, политичките партии претставуваат оној активен политички чинител, додека граѓаните се оној пасивниот. Граѓаните прават и мислат тоа што партиите преку медиумите и останатите чинители им го кажуваат. Нема да ме чуди доколку приврзаници на СДСМ станат традиционално конзервативни гласачи“, додава Демири.

За изјавите на Зекири, како и на другите пратеници на темата, со став се огласија од ЛГБТИ центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и „ЛГБТИ Јунајтед“ кои ги осудија хомофобичните изјави кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата. Тие побараа ваквиот говор да се санкционира и политичките партии да се оградат од јавните настапи на своите членови. Дебатата за започна пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски, кој вчера во Собранието изјави дека е време Македонија да ги легализира геј браковите како и да престане дискриминацијата врз хомосексуалците.

Кристина Озимец

Поврзани новости