Во сите инситуции за кои имам информации дека вработени во јавниот сектор се вадат од работа за да одат на контрапротест ќе испратам управна и трудова инспекција, рече денеска Александар Кирацовски, дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација. Тој порача дека институциите на системот мора да ја почитуваат волјата на граѓаните, а тоа подразбира и Уставниот суд, и кадрите кои раководат со партизираните институции од страна на власта на Никола Груевски.
– Според информациите со кои што располагам, вчера и денеска вршени се огромни притисоци врз вработени во јавниот сектор особено во општините, училиштата и јавните претпријатија, како и вработените во државните претпријатија. Притисоците се вршени лично од страна на директорите и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. На вработените им е наложено со директиви од нивните партиски шефови и со закани дека ќе останат без работа, да отидат на контра протестот пред Уставниот суд. Тоа се случува во Битола, Прилеп, Штип, Крушево, Кочани, Крива Паланка, Охрид и други општини, од каде од утрото се тргнати автобуси организирани од власта на ВМРО-ДПМНЕ. За партиски цели, вчера беше злоупотребена општинската администрација од општините Кисела Вода и во Карпош – рече Кирацовски.