Кинезиологот бил вработен во МОН во време на Никола Тодоров

by fokus

Министерството за образование објаснува зошто со новиот оглас за вработување на местото помлад соработник во секторот за јавни набавки се бара лице со квалификации завршени студии по право, кинезиологија или политички науки. Според Министерството станува збор за лице веќе вработено, кое било ангажирано во Министерството во време кога со МОН министруваше Никола Тодоров.

„Во врска со Јавниот оглас за вработување во Министерството за образование и наука, поточно за работното место Помлад соработник за јавни набавки, Одделение за координација на јавни набавки, би сакале да Ве информираме подетално околу настанатата ситуација.

Во минатото, на 06.05.2011 година, во МОН, било вработено лице што по класификацијата на научно-истражувачки подрачја, спаѓа во научно подрачје – Општествени науки, група Кинезиологија.

Со Решение од 25.08.2014 година, лицето се распоредува на работно место Помлад соработник за поддршка на јавните набавки, и на истото работно место е до денес. Вработеното лице поседува Потврда за положен испит за лице за јавни набавки, издадена од Министерство за финансии, Биро за јавни набавки.

Кога лицето се вработило на тоа работно место, неговото образование било предвидено во Правилникот за работни места на МОН за таа позиција, а новите огласи за вработување мора да го содржат образованието што го имаат вработените во МОН од претходно на тоа работно место.

Единствената причина поради која не е избришана квалификацијата од  Правилникот за работни места, сега веќе предвидена во новиот оглас за вработување, е поради фактот што лицето сега поседува Потврда за положен испит за лице за јавни набавки. Доколку неговото образование (Кинезиологија) биде избришано од систематизацијата, лицето кое веќе е вработено, треба да биде прогласено за технолошки вишок во МОН“, се вели во објаснувањето од Министерството за образование.

Поврзани новости