Српскиот претседател Александар Вучиќ и првата дама го пречекаа во Белград кинескиот претседател Си Џинпинг и неговата сопруга.
На црвениот тепих беше српска делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина – Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград – Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за утре пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Си Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Си Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.