Кина најави дека од утре ќе продолжи со издавање на сите видови визи и ќе ги отвори своите граници за странските туристи, за првпат после три години од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.
Последната мерка за прекугранична контрола за Ковид-19 беше укината минатиот месец откако властите прогласија победа над пандемијата.
Поттикнувањето на туристичкиот сектор треба да помогне во зајакнувањето на кинеската економија вредна 17 милијарди долари, која минатата година забележа една од најбавните стапки на раст во речиси половина век.
Кинеското МНР денеска соопшти дека во областите за кои пред пандемијата не беше потребна виза сега ќе се врати безвизниот режим, а тоа ги вклучува јужниот туристички остров Хаинан и минување низ пристаништето Шангај со брод за крстарење. Исто така, безвизен влез ќе има и за во јужниот производствен центар Гуангдонг за странците кои ќе доаѓаат од Хонг Конг и Макао.
Министерството за надворешни работи, исто така, соопшти дека странците со важечки визи издадени пред 28 март 2020 година ќе можат да влезат во Кина.
Влезните и излезните меѓународни летови минатата недела се зголемија за повеќе од 350 отсто во споредба со истиот период во 2022 година, на речиси 2.500 летови, според APP Flight Master. Меѓутоа, тие се само 17,4 отсто од летовите во 2019 година.
Во 2022 година во Кина биле регистрирани само 115,7 милиони прекугранични летови, а од нив само 4,5 милиони биле странски.
Пекинг во декември ја напушти својата драконска политика за нулта стапка на Ковид-19, а веќе во јануари го укина условот за самоизолација за патниците по пристигнувањето во Кина.