Ким Џон Унг добил дронови и панцир како подароци на својата турнеја во Русија

by Fokus

Ким Џонг Ун се упати со својот оклопен воз кон Северна Кореја, завршувајќи ја неколкудневната посета на Русија, што ја почна со средба со Владимир Путин. Иако Кремљ тврди дека двете држави не потпишаа никаков договор, првото патување на Ким во странство во последните четири години ги подгреа стравувањата на западот дека Москва и Пјонгјанг ќе ги игнорираат санкциите и ќе договорат продажба на оружје.

Новинската агенција ТАСС објави дека меѓу подароците што ги добил Ким се пет камиказе дронови и извидувачки дрон со вертикално полетување „геран-25“. Исто така, гувернерот на пограничниот регион Приморје му подарил панцир и специјална облека невидлива за термални камери.

Ким вчера се сретна со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Владивосток, каде што се запозна со најсовремените руски оружја, вклучувајќи хиперсонични проектили и со руската пацифичка флота. Тој направи обиколка на фабрика за борбени авиони во Комсомолск и притоа седна во еден од нив.

Ким и Путин направија симболична размена на пушки, но засега нема докази дека договориле продажба на оружје. Според американски сознанија, Русија сака да купи муниција од Северна Кореја, која, пак, бара помош за развој на сателити и проектили.

Москва кажа дека Путин ја прифатил поканата да ја посети Северна Кореја, но пред тоа, таму ќе замине министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, најверојатно уште следниот месец.

Поврзани новости