Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников предупреди дека Русија подготвува нова голема офанзива, која би можела да почне на 24 февруари. Тој вели дека Русија насобрала илјадници војници и би можела да проба нешто на првата годишнина од почетокот на инвазијата.
„Москва мобилизираше околу 500.000 војници за можната офанзива“, изјави Резников.
Во септември, Владимир Путин нареди мобилизација на 300.000 резервисти, истакнувајќи дека тоа е потребно за да се осигура територијалниот интегритет на земјата. Според Резников, вистинската бројка на регрутирани војници би можела да биде поголема.
„Официјално, тие кажаа дека се 300.000, но кога ќе ја видиме војската покрај границата, нашата проценка е дека таа бројка е многу поголема“, кажа тој.
И покрај тешките борби во некои делови од источна Украина, војната е во застој во изминатите месеци откако Украина го ослободи градот Херсон, а руската војска се повлече на другиот брег на Днепар. Со исклучок на руското освојување на рударското гратче Соледар, ниедна страна не напредуваше значајно.