Европската унија ги призна „значителните напори“ на Украина во последните месеци да напредува кон членство во блокот од 27 нации и го повика Киев да продолжи на тој пат, откако лидерите на ЕУ се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Зеленски, говорејќи на прес-конференција по денешниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, повторно притисна преговорите да започнат релативно брзо.
Тој посочи дека целта на Украина е да започне преговори оваа година, додавајќи „ова не е само цел, туку голема и главна цел“.
Фон дер Лајен, пак, рече дека нема ригидни временски рокови за пристапување на Украина во ЕУ и повтори дека Киев мора да исполни одредени критериуми како дел од притисокот за членство.
Во заедничката изјава објавена по состанокот се споменува решеноста на Украина да започне разговори „што е можно поскоро“ без да се даде датум.
Исто така, се додава дека формалниот преглед на напорите на Киев за исполнување на сет услови за започнување на преговорите за влез, треба да се случи подоцна во текот на годинава.