Киев бара од ОН да ја преземат контролата врз нуклеарната централа „Чернобил“

by fokus

Украина упати повик до Советот за безбедност на ОН да прогласи нукларната централа „Чернобил“ за специјална безбедносна зона, јави ДПА.

Весникот „Украинска правда“ ја пренесува изјава на вицепремиерката, Ирина Верешчук, која вели дека меѓународната мисија би ја презела контролата врз областа на нуклеарната централа.

„Неодговорните и непрофесионални активности на руските трупи претставуваат сериозна закана, не само за Украина, туку и за стотици милиони Европејци. Затоа го повикуваме Советот за безбедност на ОН да преземе итни мерки за демилитаризација на забранетата зона на нуклеарната централа „Чернобил“ со распоредување специјална мисија на ОН во регионот“, вели Верешчук. Повикот на Киев е во насока на намалување на ризикот од уште една несреќа во Чернобил, оттаму што според украинската вицепремиерка, руските трупи распоредиле огромно количество муниција и оружје во зоната околу реакторот, а истовремено во областа регистрирани се и големи шумски пожари, што според неа, може да има сериозни безбедносни последици.

Министерството за животна средина на Украина во саботата информираше дека на територијата на Чернобил биле забележани вкупно 31 пожари.

Забранетата зона на нуклеарната централа „Чернобил“ е под руска контрола. Во куполата изградена над уништениот реактор во несреќата од април 1986 година и денеска се складира нуклеарен отпад.

Поврзани новости