По сè изгледа, Уставот ќе чека подобри времиња, кога ќе се создаде амбиент за обезбедување на двотретинско мнозинство како резултат на широк политички консензус, а не на подземни игри, уцени, закани, поткуп, амнестии…
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
По долги најави, конечно почна и веднаш заврши парламентарната расправа за уставни измени, со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, што произлегува како обврска од таканаречениот француски предлог, врз основа на кој беше изготвена преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ. Иако спикерот Џафери можеше да го стави на гласање отворањето на Уставот, сепак тој не го стори тоа, па гласањето се одложи на неодредено време.
За да се пристапи кон уставни измени, како што е познато, е потребно двотретинско мнозинство, кое власта не може да го обезбеди без поддршка на (дел од) опозицијата, која остана доследна на ставот против. И во следниот период ќе биде речиси невозможно да се соберат неопходните 80 пратеници, освен ако не се репризира сценариото кога беше истуркана промена на уставното име по Преспанскиот договор со Грција.
Но, мора да се има на ум дека тогаш беше поинаков целиот контекст. Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ беше распукана по сите шевови, со старо раководство под кривичен прогон и сè уште неетаблирано ново лидерство, додека сега партијата е консолидирана и во подем. Плус, тогаш компромисот предвидуваше членство во НАТО по автоматизам, а сега би добиле преговори со ЕУ, со тоа што реално никој не знае кога тие ќе завршат.
Затоа, како формула за успех овојпат не се сметаше парцијално обработување или убедување на опозицијата, туку придобивање поддршка од цело ВМРО-ДПМНЕ по пат на политички договор. Меѓутоа, се чини дека шансата за широк консензус, ако воопшто постоела, пропадна со неуспехот на неодамнешната лидерска средба, кога Мицкоски прифати уставни измени, ама со одложено дејство, односно тие да важат по полноправното членство.
Токму тоа остана да биде најголем проблем за договор за двотретинско мнозинство за уставни измени. Имено, Ковачевски и неговите соработници во власта сметаат дека одложеното дејство е спротивно на преговарачката рамка, која, според нив, патем е невозможно да се менува. За волја на вистината, тоа кристално јасно ни го предочуваат и странските партнери.
Во вакви околности, очекувањата и прогнозите уште пред петочната седница одеа во правец дека нема веднаш да се гласа за отворање на Уставот, бидејќи при негативен епилог практично се легитимира опозициската теза за неопходност од вонредни избори, што не е прифатливо за власта, ниту пак соодветствува со сигналите од меѓународната заедница. Всушност, сега се остава дополнително време за „бркање“ на двотретинско мнозинство, што може да трае и до самиот крај на мандатот на овој парламентарен состав.
Ако не се случи некакво „чудо“ како со Преспа, што би било многу лош преседан за идниот демократски развој на земјава, нема големи шанси да се донесат уставните измени. Впрочем, се добива впечаток дека за тоа веќе се свесни и политичките актери, кои ова прашање почнаа да го користат за позиционирање на политичката сцена во пресрет на следната 2024 година, кога треба да се одржат и претседателски и парламентарни избори.
Притоа, двата политички блока кројат сосема спротивни стратегии. Власта сака да ја кидпанира „европската“ агенда, обидувајќи се да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со блокадата на уставните измени ја блокира европската перспектива и ја втурнува државата во друштво на Косово и БиХ, кои важат за држави со незаокружена државност. Случајно или не, веќе почнаа да се испраќаат пораки дека ако Албанија се одвои во процесот, македонските општини со албанско мнозинско население може сами да си го побараат патот кон Брисел.
Од друга страна, пак, опозицијата сака да ја монополизира „патриотската“ приказна и да се прикаже како единствен бедем од, како што велат, историските предавства што ги прави власта, вклучително и со францускиот предлог, кој, според нив, не ни носи членство во ЕУ, туку нè внесува во еден круг на бесконечни преговори. Во таа функција се нивните барања за апсолутна власт, која, нели, треба да им овозможи да ги одбранат националните и државните интереси.
Во ваков крајно поларизиран амбиент и при вака изострени наративи, владејачката СДСМ ќе сака да го формира најавуваниот „Фронт за Европа“ заедно со ДУИ и евентуално Алијанса за Албанците (АА се уште калкулира), кој прво би се тестирал на претседателските избори в година, па доколку се покаже како успешен модел, би можело да се аплицира и на парламентарните избори неколку месеци подоцна.
Ако се земат предвид анкетите, само преку поголем коалициски потенцијал, СДСМ може да му парира на ВМРО-ДПМНЕ, која котира значително подобро „еден на еден“. Она што подолг период е најголем хендикеп на ВМРО-ДПМНЕ е токму дефицитот на коалициски капацитет, иако треба да се посочи дека значително се измешаа картите на албанската политичка сцена, со оглед дека се факторизира обединета албанска опозиција.
Како и да е, процесот на уставни измени завршува во ќор-сокак, но темата почнува да служи како тригер за предизборно маневрирање. Но, кога и да се одржат изборите, ниту еден од политичките табори што се очекува да се издвојат на бранот на уставните измени нема да може самостојно да освои 80 пратеници, за да може да го реши проблемот поврзан со интеграцијата кон ЕУ под исклучиво свои услови.
По сè изгледа, Уставот ќе чека подобри времиња, кога ќе созреат услови за постигнување на двотретинско мнозинство како резултат на широк консензус, а не на подземни игри, уцени, закани, поткуп, амнестии… Во меѓувреме, ќе се соочиме со последиците и тензиите на политички и меѓународен план, кои веројатно ќе се рефлектираат и во економската сфера. Се разбира, никој нема да понесе одговорност, туку, како и досега, секој ќе го вперува прстот кон другиот!