Новинарот Томислав Кежаровски, како обвинет во случајот „Ликвидација“ денеска пред Апелациониот суд, уште еднаш истакна дека не е виновен и побара да му се укине затворската казна од 4,5 години.
-Новинарските текстови немаа за цел да го откријат идентитетот на заштитениот сведок, туку да разоткријат нечии валкани игри. Текстовите ги пишував воден од вистината, па затоа тврдам дека не сум виновен. Сите објавени информации се од јавен интерес, истакна Кежаровски, кој додаде дека полесно ќе поминел доколку го прегазил заштитениот сведок на пешачки премин, па тогаш, според него, немало ниту да биде во притвор, ниту да лежи во затвор.
Неговиот адвокат, Филип Медарски, побара од апелационите судии да ги прочитаат спорните текстови и да утврдат дали навистина е загрозен идентитетот на сведокот.
-Постојано зборуваме за загрозен сведок, а нема писмен акт со кој е добиен овој статус, ова решение не е изведено и образложено во пресудата. Кежаровски не го открил неговиот идентитет, бидјеќи во првиот текст нашишал дека сведокот има големо криминално досие и е во затворот „Скопје“, податок што во никој случај не можело да го открие. Во вториот текст, пак, напишал штипјанецот Златко. Сведокот ниту е од Штип, ниту па живеел во овој град, туку престојувал во штипскиот затвор. Исто така се споменува и еден телефонски број, но судот истакна дека не може да се утврди дали му припаѓал на сведокот. Значи новинарот не го открил идентитетот на сведокот, но доколку, пак, бил откриен, со написите во 2008 година, зошто во 2010 му се дава статус на заштитен сведок?, истакна Медарски, кој реагираше и на незаконското исклучување на јавноста од неколку рочишта на „Ликвидација“.
Тој додаде и дека првостепената пресуда претставува исклучителен удар врз слободата на изразување и е директна спротивност на праксата на Европскиот суд за човекови права, но и на Хашкиот трибунал каде што највисоките казни за истото дело против новинар се парични или најмногу до три месеци.