Кежаровски останува на слобода, доби условен отпуст

by Фокус

Новинарот Томислав Кежаровски доби условен отпуст, односно тој останува на слобода бидејќи издржувањето на неговата затворска казна се прекинува. Ваква одлука денеска донесе Кривичниот суд, откако барање за условен отпуст побара неговата сопруга, но и директорот на затворот „Скопје“.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал во текот на вчерашниот ден на јавна седница одлучуваше по предлогот на директорот на КПУ Затвор Скопје – Скопје за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски. Одлучувајќи по предлогот, Кривичниот совет при овој Суд донесе решение со кое го уважи предлогот на директорот за условен отпуст. Со решението, осудениот се отпушта на ден 18.02.2015 година, од понатамошно издржување на казна затвор, изречена со пресуда од Основен суд Скопје 1, а времето на условниот отпуст трае до 27.06.2015 година, односно до истекот на издржувањето на казната на осуденото лице“, информираат од Основниот суд Скопје1.

Од судот објаснуваат дека оваа одлука ја донеле бидејќи Кежаровски издржал повеќе од половина од казната.

„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена“, велат од судот.

Сепак оваа одлука не е конечна, бидејќи во рок од осум дена Обвинителството има право да поднесе жалба и да побара Кежаровски преостанатите три месеци и осум дена да ги одлежи во затвор. Доколку обвинителството поднесе ваква жалба, по неа ќе решава Апелациониот суд.

Поврзани новости