Ќерката на поранешнот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, е вработена во државната компанија МЕПСО, каде што добива плата од 36.500 денари, потврдуваат од таму за „Фокус“. Информацијата вчера на својот фејсбук профил ја објави новинарот Зоран Божиновски, кој рече дека Фиторе потпишала договор минатата недела
„Од петокот во МЕПСО како нов референт за јавни набавки е вработена Фиторе Бејта Акику, ќерка на Невзат Бејта“, напиша тој.
Од МЕПСО велат дека Фиторе била избрана на огласот за вработување како најдобар кандидат. Од таму додаваат дека договорот за вработување бил склучен во четвртокот.
„Договорот за вработување е склучен на 20 декември 2018 година, работната позиција е референт за набавки, во Оддел за комерцијални работи служба за комерцијално набавни работи, со виша/висока стручна спрема за нето плата од 36.540 денари, како што е објавено и во огласот за вработување“, соопштуваат од таму.
Бејта беше градоначалник на Гостивар од 2013 до 2017 година, додека претходно ја извршуваше функцијата министер за локална самоуправа во владата на Никола Груевски. На локалните избори се кандидираше за уште еден мандат, но беше поразен од актуелниот градоначалник, Арбен Таравари. Тој е татко на три деца.