Легендарниот менаџер Велибор Џаровски – Џаро, почина денес на 75-годишна возраст, по кратко боледување. Зад себе ги остави сопругата Виолета, внуците Лара и Лука, но и единствената ќерка Милица, позната естрадна новинарка, која минатата година ја издаде книгата ,,Живот на коцка” посветена на својот татко.
-Менаџер во времето кога менаџерството беше непризната професија, човек кој не признава просечност и пораз, незауздан ум кој не се плаши да ги премине границите.
Некои луѓе не го познаваат зборот „доволно“. Таков е Џаро, кој останува запаметен како белег на едно време што ќе остане вечно запаметено – исто како и луѓето што го одбележаа- напиша таа за татко и, чие име стоеше зад организацијата на бројни концерти и турнеји на најголемите музички имиња на Југословенската естрада.
За над тридецениското менаџирање, организирал над 5.000 концерти, а останува запамтен и по бројните анегдоти кои ги раскажуваше за местенките во фудбалот.
Веста за неговата смрт денес се најде и во регионалните медиуми, кои потсетуваат на неговите легендарни приказни кои го расположуваа народот ширум поранешните Ју републики, од настани поврзани со естрадните ѕвезди со кои соработувал, до сеќавања за местенки на фудбалските натпревари.
Џаро ќе биде погребан утре во 13 часот, на гробиштата во Ѓорче Петров.
Веста за неговото испраќање ја објави неговата ќерка Милица, која се прости со него со зборовите -Чао Благојче мој, знам дека и горе ќе се снајдеш и ќе најдеш некоја сигурица за играње. „Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол“.
Во книгата пак, посветена на неговиот живот, таа пишува – За ѕвездата на едно старо добро време кое веќе го нема, но ќе остане вечно запаметено.
Животот на Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но играта што ја играше не беше секогаш лесна. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии.
Организатор на над 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогна да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали, тој остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање.
Вики Клинчарова