Керим станал надворешен соработник на Еколог

by Фокус

Интернационална компанија со седиште во Тетово, Еколог, го ангажирала поранешниот министер, амбасадор и дипломат, Срѓан Керим, кој беше дел од менаџментот и сопствеништвото од групацијата што издаваше неколку веќе згаснати медиуми.

Според информации на Фокус, Еколог хонорарно го ангажирала Керим, кој ја претставува компанијата во странство и пред странски клиенти, односно ги застапува интересите на компанијата.

Побаравме потврда на оваа информација од компанијата, но од таму велат дека станува збор за деловна одлука, па не упатија за коментар да го побараме лично Керим, кој, пак, не одговори на нашето прашање.

Инаку, станува збор за моќна компанија, која соработува со влади на повеќе држави, меѓународни организации и комерцијални клиенти во неколку сектори – нафта и гас, рударство, енергетика, инфраструктура.

Како што навела компанијата на нејзината интернет страница, Еколог изградил партнерство со вооружените сили на САД, Франција, Германија, ЕУФОР, НАТО, како и со Обединетите нации.

Поранешниот македонски министер за надворешни работи и амбасадор во Гермамија, Керим, пак, беше претседавач со 62-то заседание на Генералното собрание на Обединети нации и се кандидираше за генерален секретар на ОН.

Тој беше дел и од друштвото што ги издаваше трите дневни весници – Дневник, Утрински весник и Вест, но тие неодамна згаснаа со образложение дека се соочувале со финансиски проблеми.

Поврзани новости