Првиот човек на МПМ, Срѓан Керим првично им ветил на вработените во „Утрински весник” дека нема да има отпуштања од работа, за по неколку дена да добијат информација дека најмалку десет новинари мора да останат без работа, бидејќи компанијата работела со загуба од 1.800.000 евра.
Во изјава за ТВ21, Керим вели дека отказите се неопходни, поради како што вели, непрофитабилноста на весникот.
-Станува збор за мерки на заштеда по сите основи, не се само за новинарите на „Утрински весник“. Трошоците да се намалат за компанијата стабилно и финансиски да работи. Весникот нема да се чепка и нема место за шпекулирање дека зад ова се крие политика. Никаква политика освен интересите на компанијата кои налагаат да се штеди, кога поминуваме низ финансиски проблеми. Нас ни е жал што ги засега нив, но немаме избор, да имаме нема таква мерка да преземеме- изјави Керим за ТВ21.
Новинарските здруженија пак, веднаш по ултиматумот од менаџментот, организираа прес-конференција на која порачаа дека нема да дозволат ниту еден новинар да го напушти весникот кој работи од 1999 година.
– Компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојано намалување на плати, откази и технолошки вишоци. ССНМ жали што се покажа дека еден од најбогатите македонски бизнисмени потфрли во водењето медиумски бизнис но тоа не е поради работата на новинарите. Тоа е последица на слугинскиот однос на сопствениците кон власта, порача денеска претседателката на Синдикатот на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис.
Инаку, МПМ е во сопственост на поранешниот претендент за претседател на Обединетите нации, Срѓан Керим, и најбогатиот Македонец според магазинот „Форбс“ – Јордан Камчев.