ВМРО – ДПМНЕ има многу квалитетни кадри за функцијата претседател на партијата, но тие не треба да се бараат во слугите на криминалната врхушка, смета професорот Јове Кекеновски, прв човек на ФРОДЕМ.
Кекеновски во изјава за „Фокус“ му порачува на членството на ВМРО – ДПМНЕ дека не смее повеќе да дозволи да биде, како што вели, свежо топовско месо за реализација и заштита на туѓи криминални интереси.
„ВМРО – ДПМНЕ нема надворешни непријатели. Непријателите на партијата, граѓаните и на државата се во редовите на партиското криминализирано раководство. Срамно и жално е сопствените граѓани да се манипулираат со евтини и провидни игри од страна на лидер кој е избран на приватна забава (наводен Конгрес). Членството не треба повеќе да дозволи и понатаму да биде свежо топовско месо за реализација и заштита на туѓи криминални интереси“, вели Кекеновски.
Познато е дека во ВМРО – ДПМНЕ врие од притисокот на незадоволното членство кое бара промени и реформи, наспроти официјалните најави дека Никола Груевски и натаму ќе остане да ја води партијата, барем до завршувањето на локалните избори.
Во јавноста веќе долго време се споменуваа неколку истурени членови на ВМРО – ДПМНЕ кои би можеле да го наследат Груевски, но професорот Кекеновски, смета дека ниту еден од нив, не може да се амнестира од одговорност – тие му слугувале на вождот и не можат да се ослободат од вината.
„Голема партија како ВМРО ДПМНЕ има многу квалитетни кадри за функцијата претседател на партијата, но сакам да потенцирам дека никој од овие кои сега се во Извршниот и Централниот комитет, во раководставата на ОК и МК на партијата како и сите оние кои биле сервилни и слугувале на партиската врхушка немаат никаква шанса ниту да помислат, а не да се обидуваат да лобираат да станат лидери на партијата во иднина“, вели Кекеновски.
Професорот порачува дека членството мора да знае – колку побрзо Никола Груевски си замине (да се разреши) од лидерската позиција на ДПМНЕ толку подобро за ВМРО ДПМНЕ.
„Тодоровци, милошовци, поповци, ѓорчевци и други искомпромитирани личности кои учествувале во обезличувањето на партијата и кои заради сопствени лични интереси измеќаруваа на фамилијата се само дополнителен баласт за партијата, државата и нашата иднина. Нивната вина е иста како и вината на нивниот вожд“, оценува Кекеновски.
С.М.