Јове Кекеновски, основачот на ФРОДЕМ, здружение на граѓани кое се бори за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, за „Фокус“ коментирајќи ја најновата иницијатива за демократизација на партијата, вели дека ја поддржува секоја ваква иницијатива и секој индивидуалец кој сака да ја демократизира ВМРО-ДПМНЕ и кој ги сфатил сите нивни укажувања последниве години дека партијата е на погрешен пат. Но, тој додава дека иницијаторите мора да бидат похрабри.
-Реформата мора да биде подлабока. Статутот е извор на проблемот, но за да се промени, мора да се смени сегашното раководство на партијата на чело со Никола Груевски. Мора гласно да се каже и да се покаже со прст кој ја приватизираше партијата и да сноси политичка, а потоа ако има докази и кривична одговорност. Иницијаторите мора да бидат похрабри, бидејќи со вака бледи барања и без персонална критика, не може да има суштински реформи. Се додека е Груевски на чело на партијата, ќе имаме само козметички реформи, вели Кекеновски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ мора да се врати на современата демохристијанска идеологија, а се што правело сегашното раководство било сосема спротивно на партиската идеологија.
Катерина Смилева