Пред неколку месеци „Фокус“ објави дека името на познатиот кардиолог Сашко Кедев, кој многу години е професор и работи на скопската Клиника за кардиологија се најде на листата на злоупотребени за побрза заработувачка.
На непознат портал беше објавено интервју, наводно со него, во кое тој промовира лек за прочистување на вени.
Интервјуто беше јавно достапно, а поголемиот дел од граѓаните можеа да прочитаат и да се излажат да порачаат лек, кој докторот Кедев воопшто не го рекламира.
Тој лани, при средината на мај, случајот го пријавил во министерството за внатрешни работи, но како што вели од таму се уште нема повратни информации.
„Случајот е пријавен пред повеќе од десет месеци, но досега никој од надлежните институции не се потруди ништо да направи.
Никој не откри која е фирмата која седи во позадина, иако на телефон се јавувале локални оператори од Македонија. Тоа значи, дека се уште чекам“, потврди Кедев во изјава за „Фокус“.
За разлика од него, од МВР имаат сосема спротивен став.
„За Сашко Кедев известено е Основното јавно обвинителство за веб страните што биле посочени. Страните повеќе не постојат и се чекаат насоки од ОЈО за постапување“, тврдат од МВР за „Фокус“.
Тоа што дополнително ја отежнува целата ситуација, односно не постои можност да се влезе во трага на фирмата, која стои во позадина на лекот кој се промовира е бидејќи страните на кои се појавуваше лажното интервју веќе се избришани.
Сепак, во последниот период на мета се најде и микробиологот Никола Пановски, кој на повеќе сајтови беше објавен како промовира чај за паразити. Тој ја имаше една од најжестоките реакции и како што веќе објавивме, доктор Пановски одлучи да оди до крај, да поднесе приватна тужба и да бара оштета.
Ваквите лажни објави за лекови, кои наводно можат да ви помогнат, во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат опасни и да го загрозат здравјето на луѓето.
Црвен аларм е вклучен и кај надлежните институции, но да видиме кој, колку си ја завршил работата?
Ирена Мулачка