Опозициската ВМРО-ДПМНЕ започна, како што ги нарече, широки консултации за референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали ја прифаќаат преговарачката рамка со ЕУ во која е вклучен и билатералниот договор со Бугарија.
Но, колку во оваа ситуација воопшто би можела да се менува преговарачката рамка со ЕУ?
Рамката е веќе усвоена од ЕУ, македонската Владата истата ја прифати и врз нејзина основа Македонија ги започна (делумно) преговорите за членство.
Проф. д-р Александар Спасеновски од Катедрата по Уставно право и политички систем од Правниот факултет смета дека организирањето на ваков референдум отвора серија предизвици кои фрлаат значителна неизвесност.
ЏАФЕРИ МОЖЕ ДА ГО КОЧИ РЕФЕРЕНДУМОТ
Според професорот, овие проблеми може да се поделат во три групи:
прво, административно-законски предизвици поврзани со создавањето претпоставки за организирање на референдумот;
второ, практични предизвици поврзани со процентот на излезност на граѓаните на референдумот и
трето, политички предизвици поврзани со евентуалната промена на преговарачката рамка според која ќе се одвиваат преговорите за членство на државата во Европската унија.
Во однос на првата група предизвици, Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните остава голема дискрециска моќ на претседателот на Собранието во однос на носењето на одлуката за уредноста на граѓанската иницијатива за организирање на референдум, а за која конечна одлука носи парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ.
Во оваа смисла, дополнително Претседателот на Собранието има голем простор да калкулира – да одолговлекува или да забрзува – со временската рамка во која ќе се разгледува иницијативата за референдумот низ собраниските тела.
ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА МОБИЛИЗИРА 910.000 ГРАЃАНИ
Оттаму, опозицијата и граѓаните никогаш не можат да бидат до крај сигурни дали власта нема да ги искористи празнините во Законот за да го развлече носењето на конечната одлука, како и да ја осуети во корен иницијативата за организирање на референдумот повикувајќи се на формални пречки поврзани со нејзината (не)уредност.
Во однос на втората група предизвици, за опозицијата ќе претставува сериозен предизвик и прашањето на евентуалната мобилизација на граѓаните.
Имено, за да биде референдумот успешен потребно е да излезат на гласање половината од вкупниот број избирачи, односно околу 910.000 граѓани.
Ова е клучниот предизвик за ВМРО-ДПМНЕ со оглед на фактот дека е повеќе од извесно дека партиите од власта ќе повикаат на бојкот, односно на игнорирање на оваа иницијатива.
Катерина Смилева Божиновска
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК