Ќе си оди ли Цеца од Прилеп побогата за 39.000 евра?

by fokus

Веста дека Балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ ќе биде музичка гостинка на овогодинешниот ,,Пивофест” во Прилеп, и ќе има свој настап во петок, на 19-ти јули, се уште ги бранува социјалните мрежи. Противниците на турбо фолк музиката жестоко критикуваат, додека пак обожавателите на пејачката се радуваат поради нејзиното доаѓање.

Секое гостување на Цеца во земјава на општинска манифестација, традиционално, поминува со многу внимание. Лани, таа беше главна музичка атракција за време на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер 2018” во Кавадарци, и го урна рекордот на посетеност на градот. Десетици илјади публика на плоштад, нешто кое не му успеало ниту на еден политичар или пак музичар во минатото.

И покрај критиките дека на народот му се нуди програма без уметничка вредност која лошо влијае врз развојот и едукацијата на младите, сепак по кој знае кој пат се потврди дека нејзините песни се напамет научена лектира од страна на публиката.

Околу тоа колку изнесува хонорарот на Балканската ѕвезда, за која во регионот се тврди дека е една од најплатените, лани градоначалникот Митко Јанчев ја откри сумата. Цеца гостувала за 39 илјади евра, сума во која биле вклучени и хонорарите на екипата на пејачката, превозот и целата организација околу настапот, а ја покриле спонзори. Дали и во Прилеп Ражнатовиќ ќе настапи за истиот хонорар или пак за приближен износ, се уште не се откриваат деталите.

На најголемата општинска манифестација ,,Пивофест”, лани за прв пат јавно беа соопштени хонорарите на музичките гости. Според информациите кои по фестот ги сподели градоначалникот Илија Јовановски, највисок хонорар добил Кирил Џајковски. Тој настапил за сума од околу 15 илјади евра, односно 891.222 денари, плус персонален данок. Покрај Џајковски, беа објавени и сумите за кои пееле и други музичари. Тони Зен настапил за 154.250 денари, плус персонален данок, Александра Јанева – 43.150 денари, Фортисимо Бенд – 30.850 денари, Некст Тајм – 154.250 денари, Црвена Јабука 370.200 денари, Дарио – 215.950 денари, Бени и Нон Стоп – 184.500 денари. Свои настапи тогаш имаа и Шабан Шаулиќ, Ван Гог, Милица Тодоровиќ и други.

Останува да се види дали ланската практика да се соопштат јавно хонорарите на учесниците ќе продолжи и годинава, по завршувањето на настанот. За организацијата на фестивалот лани од општинскиот буџет биле одвоени 2,5 милиони денари, а согласно потпишаните договори на учесниците им била исплатена вкупна сума од 2.418.095,00 денари.

И годинава буџетот кој го одвојува локалната самоуправа за настанот е 2,5 милиони денари, за покривање на авторските хонорари на учесниците. Впечатливо е тоа што вкупната сума е речиси иста со висината на хонорарот кој пејачката го доби за настапот во Кавадарци лани. Покрај Цеца, во Прилеп ќе настапат голем број на музички ѕвезди, како Галија, Фрајле, Ален Хасановиќ, Влатко Стефановски –Трио, Миле Кузмановски и други. Мотото на фестивалот е ,,За добра мисла”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости