И покрај тоа што неретко се предлагаат разни опции за да се намалат средствата кои се издвојуваат за патни трошоци на народните избраници, конкретно решение се уште нема и илјадници евра годишно завршуваат на сметките на пратениците.
Но, гласините кои што деновиве допреа до ,,Фокус’’ сепак даваат надеж дека со добра волја на пратениците кои од градовите од внатрешноста патуваат во Скопје, може да се најде начин да се отстрани проблемот со наплатата на нереално високите надоместоци за патни трошоци.
За да ја провериме вистиноста на приказната, која би можела да им служи како пример на сите пратеници, кои доколку ги надминат суетите и започнат со користење на исто превозно средство би покажале дека сепак работат етички, го контактиравме пратеникот Минов.
-Јас доаѓам во Скопје со мое возило. Но, се има случено во неколку наврати, доколку сме завршиле со работа доцна навечер, да се вратам назад со мојот колега Китев, со неговото возило, бидејќи избегнувам да возам ноќе. Го имам оставено мојот автомобил во Скопје, а Бетиан, кого го почитувам, без проблем прифатил да се вратам во Кавадарци со него. Но сепак, тоа се има случено само неколку пати, и ние не патуваме заедно како што претпоставиле некои од нашите сограѓани – ни изјави пратеникот.
Останува нејасно зошто народните избраници, без оглед на која партија припаѓаат, не започнат оваа повремена практика на кавадаречките пратеници да ја користат секојдневно. Гласни во одбрана на своите политички убедувања, сепак кога се патните трошоци во прашање, тие остануваат тивки, правдајќи се дека се е според закон и нерадо одговараат на прашањата околу темава.
Вики Клинчарова