Единечното пакување на цигарите има форма на квадар со рамни или заоблени ивици и содржи најмалку 20 цигари, ова стои во најновиот нацрт закон за тутун, производи од тутун и сродни производи. На пазарот до сега дел од кутиите цигари имаат по 19 цигари на број. Законот беше предложен уште лани, на текстот имаше коментари и забелешки, но и покрај тоа што беше објавена изменета верзија, се уште не го помина владиниот филтер, пренесува „Фактор“.
„Се забранува пуштање во промет на пакувањата на цигари кои немаат форма на квадар, кои содржат помалку од 20 цигари, со исклучок на пакувањата на цигари кои што се наменети за извоз“, стои во нацрт законот.
Во продавниците каде има и цигари, се разбира пушачите тоа добро го знаат, дел од кутиите се со по 19 цигари внатре. Тоа впрочем се тие кои се пакуваат овде во Македонија.
Според одредбите, единечното пакување на цигари се состои од картон или мек материјал и не треба да има отвор кој ќе може повторно да се затвори или повторно да се залепи откако е еднаш отворено, освен капакот со преклоп (флип-топ) и капаците со преклопување.
Остануваат одредбите дека на кутијата јасно треба да е наведено за каков производ станува збор, и колку содржи катран, никотин и јаглероден моноксид. Ако тоа не е наведено производот не смее да биде пуштен во продажба.
Исто така, не смее да се продаваат цигари кои содржат ознаки, зборови или изрази што упатуваат или сугерираат на тоа дека тој вид на приоизвод е помалку штетен па на кутијата е наведено дека е на пример Lowtar, light, mild, ultra light, односно малку катран, лесен, благ, ултра лесен и други слични ознаки.
Производот не смее да има ознаки кои ќе укажуваат на тоа дека има витализирачки, енергетски, исцелителски, подмладувачки, природни и органски својства. Не треба да личи на на храна или козметички производ и не смее да укажува на тоа дека одреден производ од тутун има подобрена биоразградливост или други еколошки предности.
Според законот, на единечното пакување на производите од тутун за пушење се ставаат општо и комбинирано здравствено предупредување. Општите се дека пушењето убива / пушењето може да убие или пушењето е штетно за вас и за луѓето околу вас.