Важноста на улогата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија во поддршка на реформските процеси на Владата, особено нејзиниот придонес во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно во имплементацијата на принципот на владеење на правото беше потенцирана денеска од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на средбата со шефот на Мисијата , амбасадорот Клеменс Која.
-Изборните реформи се едни од клучните предизвици за наредниот период и имплементацијата на сите претходни препораки на ОБСЕ/ОДИХР, особено во пресрет на претседателските избори на пролет, се наш приоритет, истакна Османи, посочувајќи и на останатите реформи кои ѝ претстојат на земјата во пресрет на новиот извештај на ЕК во април следната година.
На средбата, како што соопшти СЕП, соговорниците се осврнале и на поддршката и помошта која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектори.
Османи и Која разговарале и за актуелните предизвици – за имплементација на Планот 18, предизвиците околу создавањето политичка поддршка за имплементацијата на уставните измени, подготовка на придонесот на земјава кон извештајот на ЕК, како и за сите останати активности поврзани со европските интеграции.