МНР ќе ја проверува автентичноста на изјавата на државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик и ќе даде свој коментар, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој го повтори ставот дека португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за решение. Според него, португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни.
– Во самиот предлог во преговарачката рамка е решението „преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик“. Секако, имаат изјави двете страни, и нашата и бугарската страна, кадешто, веројатно, министерката направила толкување за бугарски медиуми или слично за кое нешто ќе провериме денеска преку стручните служби од МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста, рече Заев на новинарско прашање дали по денешната изјава на Закаријаш се уште смета дека португалскиот предлог е добра основа за решение за решение со Бугарија.