Ќе се прават законски измени за да се воведе носење на маска на отворено, забрана за групирање во домовите и на јавен простор

by fokus

Ќе се прават законски измени во Законот за заштита на населението од заразни болести за да се спроведат предложените мерки на Комисијата за заразни болести, да се носи маска на отворено, во стан или куќа да се примат најмногу по четири гости и да се воведе забрана за групирање  по 22 часот. Ваков заклучок донесла Владата на денешната седница по предложените мерки на Комисијата за спречување на заразни болести.

-Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести, соопштуваат од Владата.

Комисијата за заразни болести препорача задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема , секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со исклучоците кои опфаќаат спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст;

За забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе;

како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

Поврзани новости