Ќе се оспорува уставноста на паушалот кој го плаќаат исклучените од парно

by fokus

Уставниот суд на следната седница ќе ја разгледува иницијативата на здружението „Но пасаран“ за оспорување на два члена од Правилникот за снабдување со топлинска енергија. Со овие два члена исклучените од мрежата на Топлификација се обврзуваат да плаќаат паушал за топлинска енергија иако не се приклучени на системот.

Членот 9 став 2 кој го оспорува здружението гласи:

„Потрошувачите што не склучиле Договор со снабдувачот од било кои причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле Договор за снабдување со топлинска енергија.“

Ставот 2 од членот 53, кој исто така се оспорува, пак, предвидува исклучените потрошувачи да се задолжат со плаќање на  надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел).

Од „Но пасаран“ сметаат дека Регулаторна комисија за енергетика нема ингеренции преку правилник да одлучува кој треба, а кој не треба да плаќа за топлинска енергија.

Доколку Уставен ја прифати иницијативата и ги поништи овие два члена од Правилникот, тогаш ќе бидат стопирани сите судски постапки кои се водат против граѓани кои одбиваат да го платат паушалот. Со тоа граѓаните ќе имаат право на повторување на постапките.

Околу 12. 000  домаќинства кои се исклучени од парно греење месечно плаќаат паушал кој се движи од 500 до 1200 денари во зависност од квадратурата на станот.

Минатата година Уставен суд ја одби иницијативата на „Но пасаран“ која се однесуваше на членот 66 од Правилникот. Тогаш Владата најави дека исклучените од парно во 2018 година нема да мора да го плаќаат паушалот. Проблемот ќе се решава со подзаконски акти во новиот предлог закон за енергетика кој е во собраниска процедура.

М.В.

Поврзани новости