Владата на предлог на Министерството за култура денеска разгледала и усвоила информации за потребата од основање на три национални установи од областа на културата. Ќе се основаат национални установи „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес” – Смилево, „Музички театар” во Република Северна Македонија – Тетово и национална установа „Камерен оркестар на Битола” – Битола.
„Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес” – Смилево, како што се наведува во соопштението од Владата, функционира како депанданс на Завод и музеј – Битола, иако е оддалечен повеќе од триесет километри од матичната институција, а е од важност поради тоа што во него, преку текстуални документи и фотографии е претставено значењето на Смилевскиот конгрес од 1903-та година.
Се основа и нова национална установа „Музички театар” во Република Северна Македонија – Тетово. Основна дејност на оваа установа ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.
Се основа и нова национална установа „Камерен оркестар на Битола” – Битола, што се очекува значително да ја зголеми културната понуда на целиот Пелагониски плански регион, опфаќајќи ги градовите Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Ресен, се наведува во соопштението од Владата.
Министерството за култура е задолжено до Владата да достави одлуки за основање на овие национални институции.