Ќе се нарушел угледот на МРТ и на државата ако се откажело учеството на Васил, Гарванлиев сепак ќе не претставува на Евросонг!

by fokus

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев по сите реакции кои се актуелни во јавноста периодов, и петициите во кои се бара тој да не ја претставува Македонија на музичкиот настан, сепак ќе пее на Евросонг. Ова известување вчера беше објавено од страна на Комисијата за утврдување на одговорност во ЈРП Македонска радио телевизија.

-Комисијата обрна посебно внимание и го цени укажувањето на шефицата на делегацијата, Мери Попова, во извештајот дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.
Сепак, имајќи го предвид сево ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага за во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации – известуваат од комисијата, за која и покрај уредно доставените прашања до Попова, не успеавме да добиеме одговор кои се членовите на истата.

Покрај тоа, од таму посочуваат дека Јавниот сервис нема право никого да дискредитира по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство, а спотот кој предизвика реакции во јавноста бил повлечен и преработен.

-„Случај“ во јавноста настанал по објавувањето на спотот, поради два кадра коишто биле протолкувани како спорни. Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓало во тие два кадра, предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот бил повлечен и преработен. Тоа значи дека работната група веднаш реагирала и на таков начин спречила дополнително нарушување на кредибилитетот на МРТ.

Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега добило публицитет, дека согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи.

Изборот, Васил Гарванлиев да биде претставник на Евросонг 2021 е резултат на континуитет во изборот за претставник на оваа престижна манифестација, минатата година за што е организирана дебата , на која учествувале композитори, пејачи, новинари, автори итн. За сите одлуки, јавноста била информирана преку соопштенија- е ставот на комисијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости