Обвинителството отвори постапка по допрен глас и за новите „бомби“ кои беа објавени денеска и во кои се слуша глас кој наликува на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ и сведок во случајот „Рекет“. Од таму велат дека ќе се испитува кој ги снимал разговорите и кој разговара.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас по кој постапува надлежен јавен обвинител. Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Воедно, со постапката треба да се утврди дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, кој снимал, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува“, велат од Обвинителството.
Утрово беа објавени девеет нови „бомби“ во кои се слуша дека наводно Камчев го убедувал премиерот Зоран заев рекетот да не го пријавуваат кај обвинителката Вилма Русковска, но Заев му порача да појде и да си пријави за да не одговара и тој.