Трендот на дигитализација на финансиските услуги, особено на платежните услуги, ја намали улогата на готовината како средство за плаќање во многу земји. Како одговор, централните банки во повеќе земји во светот започнаа да ги истражуваат начините како да обезбедат граѓаните да продолжат да имаат неограничен пристап до пари издадени од централна банка на начин кој ги задоволува нивните потреби во дигиталната ера.
Како можно решение на овој предизвик се гледаат дигиталните валути на централните банки (ДВЦБ). Многумина ќе се запрашаат: „Нели дигиталните валути веќе постојат и се нарекуваат критповалути?“ Сепак, дигиталните валути кои би ги издале централните банки се различни од сегашните децентрализирани криптовалути, пред се бидејќи ќе бидат „државни“ и под целосна контрола на централните банки. Заедничко ќе им биде што ќе ја користат блокџејн технологијата.
Дигитална валута на централната банка (ДВЦБ) е дигитална форма на фиат валута на земјата, издадена од државната, односно централната банка на земјата. Наместо да печати пари, централната банка издава електронски монети кои би се чувале на електронски паричник и би се користеле за најразлични плаќања. Односно, дигиталната валута е еволуција на парите во формата во која ги знаеме денеска.
Од текстот објавен во „Фокус“ во 2021 година до денес, Народна банка веќе почна да прави иницијални анализи за можностите, предностите и евентуалните ризици од издавање дигитална валута, дигитален денар, како дигитална форма на фиат валутата денар.
Во оваа насока Народната банка кон крајот на минатата година се обратила за техничка помош до Светската банка за изработка на студија која ќе опфати повеќе области во однос на евентуалното воведување на дигитален денар.
Поборниците на постоечките криптовалути пак, на воведувањето на дигитална верзија на државните валути гледаат како обид на државите да воведат контрола и врз дел од финансискиот систем кој сега не го контролираат, односно криптовалутите.
Дарко Симуновски, познавач на криптовалутите, портфолио стратег и автор на книгата „Фундаменти на Крипто индустријата“ вели дека иако централната банка тоа сака да го претстави како дигитален денар, тоа всушност би било дигитална валута на централна банка, односно програмибилни токени. Нагласува дека дигиталите валути на централните банки немаат ништо заедничко со криптовалутите.
-Ние веќе имаме дигитален денар повеќе од 20-тина години. Наративот на централните банки ширум светот е идентичен, вклучително и на НБРМ, односно дека тоа е ново дигитално евро, долар или во случајов кај нас „дигитален денар”, се со цел луѓето полесно да ја прифатат новата промена без да има било каков сомнеж или револт. Едноставно кажано, ДВЦБ (новиот дигитален денар) се програмибилни пари во целосна контрола на централната банка, односно НБРМ, смета Симуновски.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
Катерина Смилева Божиновска