Откако демонстранти на опозицијата во Србија упаднаа во зградата на РТС, министерот за полиција на Србија, Небојша Стефановиќ, на вонредна прес конференција порача дека државата ќе мора да одговори на вечерашните настани. Тој ги повика демонстрантите да ја напуштат зградата и најави дека кривично ќе одговараат сите што влегле во националниот сервис.
-Се случи насилство во тежок облик. Демонстрантите го демолираа влезот во зградата, една група влезе внатре и им се закануваше на новинарите. За жал ова прерасна во облик кој не смееше да го земе. Секој протест е дозволен, но не со закани, насилство, застрашување и напади врз новинари. Тоа не смее да се дозволи во нашата земја – рече министерот од Владата на Вучиќ, против која протестираат демонстрантите.
Инаку, лидерот на „Двери“, Бошко Обрадовиќ и демонстрантите од протестот „1 од 5 милиони“ вечерва упаднаа во зградата на РТС со барање да гостуваат во вечерните вести. Тие апелираа на ослободување на телевизијата од партиски влијанија. Исто така порачаа наместо РТС да известува за протестите на жолтите елеци во Париз, да ги сврти камерите кон она што се случува во сопствената земја и дво своите вести да информира за протестите кои се одвиваат пред нејзината зграда.