Во тек се подготовките за новата музичка манифестација во земјава, „Фолк вечер на популарноста” која премиерно ќе се одржи во Кочани, на 26-ти април, во хотелот „Амор”.
На истата ќе настапат голем број на познати имиња од народната музика, и ќе добијат признанија за своите достигнувања, но и за белегот кој го оставиле на музичката сцена со своето творештво.
По повод настанот се одржа пред конференција, на која зборуваше организаторот Иванчо Митев, кој по потекло е од Кочани и по негова иницијатива настанот ќе се одржи таму, а зборуваше и фолк музичарот Благоја Грујовски, кој е уметнички директор на шоуто.
-Фокусот на настанот ќе биде на оние наши пејачи кои се најактуелни, најзастапени и кои ја промовираат нашата, македонска песна низ светот. Вечерта е посветена на оние кои ги обиколуваат сите континенти, Австралија, Америка… кои ја промовираат нашата песна и го одржуваат заедништвото на свој начин.
Ќе биде доделено посмртно признание на нашиот маестро, на неодамна починатиот хармоникаш и композитор Милан Завков.
Моја идеја беше да се даде признание и уважување на уметниците од фолк браншата, која добро ја познавам, и недоволно и се дава значење. Со настанот сакаме на целата македонска народна музика да и дадеме значење и да ја кренеме на повисоко ниво – изјави Грујовски.
Шоуто ќе се емитува на две телевизии, Алфа и Балкан Мјузик ТВ.
Вики Клинчарова