Можен ли е ТВ-дуел помеѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски?, е прашање кое се наметна по дебатата за економските политики помеѓу министерот за финансии, Кирил Миноски, и дополнителниот заменик-министер за финaнсии, Кире Наумов, од 16 септември и вчерашната (6 октомври 2016) помеѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и дополнителниот заменик-министер, Оливер Андонов.
И покрај сите слабости, сепак овие дебати се зрак надеж за повеќе од деценија закочените меѓусебни соочувања на политичарите, пишува Мета.
За СДСМ нема никаков проблем нивниот лидер да се појави на ТВ-дуел со неговиот политички ривал.
– Зоран Заев секогаш е подготвен да оди на дебата со Груевски. Ние и го повикуваме Груевски на дебата, во кое било време и медиум. Истото важи и за кој било претставник на СДСМ со претставник на ВМРО-ДПМНЕ – ни изјави портпарлот на СДСМ, Петре Шилегов.
Oд ВМРО-ДПМНЕ, пак, ниту ни потврдија ниту негираа дали Груевски е подготвен за дуел со лидерот на опозицијата.
– Треба да размислиме и во зависност од агендата ќе се произнесеме – ни изјави Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на владејачката партија.
Од информативната редакција на МТВ велат дека прават планови за дебатни емисии, но ќе ги обелоденат кога ќе се распушти Собранието.
– Подготовките се во тек и ќе правиме дебати со политичарите пред изборите. Секако дека сакаме дебата помеѓу Заев и Груевски, а кој не би сакал – велат од МТВ за „Мета“.