Само четири дена по заедничката литургија во Белград, Македонската и Српската православна црква повторно заедно на служба.
Српски великодостојници, предводени од поглаварот на СПЦ Порфириј ќе одржат заедничка литургија со своите македонски колеги за празникот Свети Кирил и Методиј, во Соборниот храм во Скопје. Веста ја потврди и МПЦ, повикувајќи ги верниците да земат масовно молитвено учество.
„На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Неговата Светост, српскиот патријарх г. г. Порфириј и Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат божествена литургија.“
Познавачите на верските прилики коментираат дека засилената заедничка активност на двете цркви, кои 55 години имаа административен спор, е потврда дека односите сега се на највисоко можно ниво и дека тоа упатува на конечно решавање на статусот на МПЦ со добивање автокефалност.
Очекувањата на Синодот на МПЦ се дека тоа може да се случи до крајот овој месец. Според процедурата, бидејќи МПЦ се одвојува од СПЦ, токму српската црква треба да ја извести Вселенската патријаршија дека македонската ги исполнува условите да биде автокефална црква, по што цариградскиот патријарх Вартоломеј ќе издаде томос, кој треба да го потпишат сите православни цркви.
Клопчето околу статусот на МПЦ почна да се одмоткува, откако на 9 мај токму Цариградската патријаршија ја призна МПЦ под името Охридска архиепископија, по што српската ја врати македонската црква во каноноско единство, воедно враќајќи и ја автономијата во рамките на СПЦ, која ја имаше во 1959 година.