Пишува: Валентина ВУРМО
Како што болката е преголема за шеесет и двајцата млади што загинаа во пожарот во „Пулс“, но и за 200-те повредени, така и очекувањата од правосудниот систем да ја испорача правдата се огромни. Сите виновници да бидат казнети. Секој да одговара за злоделото што го сторил, да ја добие казната што ја заслужил, никој да не биде изземен од одговорност, но и никој да не биде осуден на правдина!
Затоа прашањето што се наметнува, е дали судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој ќе стартува наскоро, ќе може да ја испорача правдата што се очекува?
Поднесеното обвинение против 37 обвинети, уште невлезено во судница, многумина го осудија на пропаст. Главните две забелешки се дека со толку многу обвинети, процесот ќе траел со години, а и погрешно било што сите се гонат за исто кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, а во врска со членот „Предизвикување општа опасност“.
И двете забелешки се на место, но, од друга страна, и аргументите зошто е така, се разбирливи.
Прво, не е возможно, ем да бидат опфатени сите виновници, кои на каков било начин придонеле да се запали барем една искра во кочанската дискотека, а на крајот нивниот број да биде минимален. Станува збор за системски пропусти постари од една деценија, па затоа и не се добројуваат одговорните. Ако сакате да одиме подалеку, одговорни сме сите, морално, политички, човечки… што сме дозволиле децата да ни растат во небезбедни штали, но тоа веќе е друга болка.
Од друга страна, да, точно е дека судењата се многу посложени и траат премногу долго ако бројот на обвинети е поголем, но мерило за успех не ни биле и едноставни случаи, со еден или неколку обвинети, кои, исто така, се тркалале низ судските лавиринти со години.
Втората забелешка, дека не може сите обвинети да одговараат за исто кривично дело, бидејќи немаат сите иста одговорност и вина, зошто некој пропустите ги сторил свесно, друг од небрежност, некој со постапување, а некој со непостапување… исто така држи место. Но, секогаш има едно ама…
Ставањето сите во ист кош, кога се знае дека имале сосема различни улоги и придонеси во трагедијата, уште во стартот ми беше нелогичен, ама лично моја претпоставка е дека тоа е „нужното зло“ што одлучиле да го направат обвинителите, и тоа 13 на број.
На прва, за голем дел од обвинетите, посоодветни се кривичните дела „Несовесно работење во службата, како и „Злоупотреба на службената положба и овластување“, но доколку обвинителите решиле да ги гонат за овие дела, тогаш ќе беше исто како да им дадат ослободителна пресуда, бидејќи се застарени или набргу застаруваат. Верувам дека и тогаш правдата немаше да биде задоволена. Ќе имаше критики зошто овие луѓе се извлечени од „огнот“, кога и самите учествувале во потпалувањето?
Но, доколку обвинителите биле убедени дека тоа се соодветните дела, и се кршеле околу правилната правна квалификација, тогаш можеби и требало да постапат така. Но, во исто време, и одговорноста да ја префрлат на виновниците, кои со скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023 година им ги врзаа рацете. Требаше, јасно и гласно, да ги прозват политичарите и пратениците, кои овозможија и гласаа измените да поминат во Собранието.
Тогаш ќе се удреше директно во гнилиот корен, а не постојано да се кастрат гранките што бодат очи!
Како и да е, работите наскоро ќе станат појасни, кога случајот ќе влезе во судница. Многумина немаат голема надеж дека судечката судијка Диана Груевска-Илиевска ќе ги исправи неправилностите, бидејќи уште од времето на режимот ја паметиме како судијка на која најголем проблем ѝ се новинарите. Самата изјавуваше дека чувствувала притисоци само од нив, а не и од политичарите или од бизнисмените. Сепак, еве, ќе има шанса и да нѐ демантира. Таа дури и може да направи преквалификација на кривичното дело, ако тоа е главниот проблем да се дојде до правдата. Ваквото право ѝ го дава член 398 од ЗКП, во кој пишува дека судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото. Тоа значи, ако судијата добро ги проучил доказите и ја утврдил фактичката состојба, утврдил дека обвинетиот е сторител на кривично дело, но не на она за кое го гони обвинителот, туку друго дело, прави промена и изрекува пресуда. Но, важно е да се напомене дека ваквиот чекор бара навистина добро образложение, знаење и труд, поради што ретко имаме вакви случаи во судската пракса.
За родителите на загинатите деца, пак, нема изговори. Тие не очекуваат ништо друго, освен казна за сите што имале каква било улога во потпалувањето на огнот што им ја изгоре душата. Правдата, за жал, нема да им ја излечи болката, ама барем малку ќе им ја залечи раната.