Ќе аминува ли Брисел избори без ВМРО-ДПМНЕ во ек на пандемија?

by fokus

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се за избори, но никако да се договорат за датум. Претседателот на владејачката партија, Зоран Заев останува ставот дека изборите мора да се одржат на 5 јули. Христијан Мицкоски пак, смета дека изборите не може да се одржат додека не се смири ситуацијата со корона вирусот. А, кога ќе се случи тоа никој не знае.

Во меѓувреме, еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји на брифинг со новинарите во Брисел рече дека ја слушнал намерата на Владата за избори во јули, но не даде конкретен став дали ја поддржува.

-Ја видов и најавата на Владата дека има намера да одржи избори на почетокот на јули. Треба да ги разгледам деталите. Во оваа фаза, она што можам да ви кажам е дека слободни и фер избори треба да се одржат со доволно време за кампања и доволни можности за сите политички партии да водат кампања. Треба да разгледаме и како со ограничувањата поради Ковид-19 ова може да се примени. Значи, ова е нешто што ќе разговараме со македонските власти, затоа што е многу важно да се обезбедат во целост фер и слободни избори, вели тој.

Избршниот директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, Иван Стефановски во изјава за Фокус вели дека избори без опозицијата ќе предизвикаат длабока загриженост во Брисел.

-Во ниту еден случај не е прифатливо избори да се одржат без учество на опозицијата. Тоа претставува недемократска практика и сериозно лошо може да влијае на оценувањето на нашиот демократски капацитет како држава. Историски погледнато, со исклучок на вториот круг од парламентарните избори во 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше гласањето а потоа и работата на собранието, никогаш не сме имале избори без опозиција. Дополнително, искуството ни покажало дека парламент без опозиција е плодна почва за носење закони спротивни на интересите на поголемиот дел граѓани. Во секој случај, избори без опозиција ќе предизвикаат длабока загриженост во Брисел, смета Стафановски.

Според него, организирање избори за време на пандемија претставува темелно неодговорно поведение.

-Политичките партии мораат да постигнат консензус изборите да се одржат кога за тоа ќе има услови. На крајот на краиштата, може да се почека и редовниот термин за избори во ноември 2020 година, а во меѓувреме да се реституира политичката влада, вели Стефановски.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар пак, денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека политичките партии треба да се договорат за датум, но и навести дека нема што да се чека, бидејќи ситуацијата со корона вирусот нема да подобри до крајот на годината.

-Мора да кажеме дека што се однесува на изборите никогаш нема вистинско време, или вистински момент. Меѓутоа, имајќи ја предвид сегашнава ситуација со корона вирусот, мислам дека и не е толку тешко да се нарави вистинскиот избор. Затоа што мислам дека ситуацијата нема да се подобри до крајот на годината како што кажа Филипче, вирусот нема да исчезне, туку ќе биде тука и сите ќе мора да живееме со таа реалност, вели Жбогар.

Германскиот амбасадор во ЕУ Микаел Клаус утрово за МИА изјави дека „некои земји членки“ најавиле дека изборите ќе влијаат врз нивниот став, во одност на стартот на преговорите со Македонија.

-Треба да ги видиме ставовите на земјите членки, не можам да кажувам имиња, но кога прашувате за изборите во Северна Македонија, дали ќе влијаат или не, слушаме од некои земји членки дека тие ќе влијаат врз нивната одлука, кога потоа ќе биде предмет на преговори во Советот, изјави Клаус.

И додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се договорат кога да се одржат изборите, бројот на заразени со корона вирусот расте, а граѓаните се се повеќе незадоволни од начинот на кој политичките лидери се однесуваат во кризата.

Катерина Смилева

 

Поврзани новости