Собранието денеска ги изгласа измените во законите за основно, средно и високо образование. И покрај тврдењето на СОНК дека ќе се отфрлат казните и отказите за наставниците од екстерното тестирање, сепак тие останаа и по законските измени. Единствено, висината на паричните казни е намалена.
Според законските измени, врз основа на објавениот извештај со резултати од спроведената екстерна проверка на учениците, 20 отсто од наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година за 15 отсто од платата што ја примале, а на 20 отсто од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели им се намалува платата за наредната година за 15 отсто од платата што ја примале.
Останува и мерката со која наставниците кои две години ќе имаат најголеми отстапки во оценувањето ќе бидат отпуштени од работа. Според законот, решението за престанок на работниот однос на наставникот го донесува директорот на училиштето.