На само неколку дена пред најавениот генерален штрајк на СОНК, од министерството за образование упатија апел до родителите, дека ако не ги пуштаат децата од понеделник на училиште, ќе плаќаат казни од 1.000 до 2.000 евра затоа што го оневозможиле наставниот процес за своето дете. Министерот за образованието Абдулаќим Адеми побара од првиот синдикалец Јаким Неделков да не манипулира со учениците и да не повикува да не одат на училиште за време на штрајкот.
– Како што минува времето и од СОНК се уверија дека нема поддршка од членството и дека штрајкот нема да успее. Токму затоа се обидуваат на други начини, со вакви повици до учениците и со обвинувања дека ние вршиме притисоци врз вработениете – истакна министерот Адеми.
Од ден на ден, како што се ближи генералниот штрајк на просветарите, како што тврдат тие, така се зголемуваат и притисоците и заканите врз нив, да не штрајкуваат бидејќи можат да останат без работа.
– Веќе две недели се работи на случајот како да се исплашат професорите и наставниците да не штрајкуваат. Се користат различни методи на заплашување, а се знае од каде сето тоа потекнува. Многумина од нив се плашат дека ќе останат без работа, а зависат од таа плата со која ги хранат и школуваат своите деца. Свесни сме дека ќе се направи се, да се скрши штрајкот на просветарите, исто како што направија со лекарите. Сега ќе се користат и родителите и децата, ќе се плаќаат казни – тврдат нашите извори.
Против штрајкот на СОНК вчера се огласија и синдикалните лидери од Конфедерацијата на слободни синдикати. Тие остро се спротиставија на штрајкот на просветарите, иако немаат никаква допирна точка со образованието. Меѓу нив се пожарникари, земјоделци, комунални и поштенски работници. Тие само го повторија владиниот став дека најавениот штрајк е мотивиран од лични интереси на синдикалните лидери во СОНК.
– Се оградуваме од идејата и одлуката за организирање на генерален штрајк во бразованието, за кој повеќе од јасно е дека лично го иницира претседателот на СОНК, Јаким Неделков и една мала група негови приврзаници, а со едниствена намера и цел – задржување на актуелните позиции, преку реизбор во следната година – рече Лидија Андова од синдикатот на земјоделците при КСС.