Казна затвор од најмалку пет години му се заканува на Стевче Јакимовски, екс градоначалникот на општина Карпош. Како што вчера соопштија од Управата за финансиска полиција, тој и уште четворица вработени во општината, кривично се гонат за „Злоупотреба на службената положба и овластување„, односно за член 353 став 5 од Кривичниот Законик.
„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки
или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните
фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор
најмалку пет години“, пишува во Кривичниот Законик.
Според полицијата осомничените направиле злоупотреба при спроведување на три тендери, од кои два се за општинските бараки, а третиот е за паркот во Жданец, при што наводно предизвикале штета од околу 600.000 евра.
„Злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања Јакимовски и неговите соработници им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица Алконпроект во износ од 33.789.441 денари и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари, со што го оштетиле буџетот на општината Карпош вкупно за 36.634.675 денари.
Јакимовски, како што се наведува во соопштението во својство на градоначалник на општина Карпош во текот на 2012 и 2013 година ја злоупотребил службената положба и овластувања со тоа што во име и на сметка на општината спровел две постапки за јави набавки.
Станува збор за јавните набавки бр. 87/2012 и бр.187/2012. Иако знаел дека правното лице Алконпроект ДООЕЛ Тетово во двете постапки за јавни набавки не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот за што било должно, согласно тендерската документација и член 48 од Законот за јавни набавки, тој ја продолжил постапката.
Јакимовски наместо да го раскине договорот и да ја активира и наплати банкарската гаранција на понуда согласно членот 47 од Законот за јавни набавки, му дозволил на изведувачот да почне со вршење активности согласно договорите, а потоа заради неквалитетно и ненавремено извршување на работите ги раскинал договорите со изведувачот, со што му овозможил да се стекне со противправна имотна корист на име на необезбедени и ненаплатени банкарски гаранции за квалитетно извршување на договорот со вкупен износ од 911.166 денари, на штета на буџетот.
Финаниската полиција нагласува дека спротивно на членот 56 од Законот за градење му дозволил на изведувачот Алконпроект да почне со вршење на градежните активности согласно склучените договори, без одобрение за градење, без решение за локациски услови со архитектонско-урбанистички или идеен проект и без основен и изведбен проект.
Спротивно на членот 18 од истиот закон поранешниот градоначалник давал усни инструкции на изведувачот да реализира позиции во поголеми количини од предвидените во техничката спецификација, како и да реализира позиции што воопшто не биле предвидени во техничката спецификација и на ваков начин му овозможил на истиот да се стекне со противправна имотна корист од 32.878.275 денари, повторно на штета на буџетот на општина.
Јакимовски, наведува финансиската полиција, во 2016 година повторно ја злоупотребил службената должност и овластувања, при што во име и на сметка на општината спровел постапка за јавна набавка број 24/2016 за „Партерно уредување на сквер во Жданец“, иако знаел и бил должен дека правното лице ДГПТУ СМ Компани ДОО Свети Николе не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување, согласно членот 48 од Законот за јавни набавки, а кое било предвидено како услов за потпишување на договорот со најповолниот понудувач согласно тендерската документација.
Јакимовски без да добие банкарска гаранција потпишал договор (број 03-8000/14 од 12 април 2016) со изведувачот ДГПТУ СМ Компани. Иако знаел дека изведувачот не смее да почне со извршување на активностите согласно договорот од причина што договорот не произведувал правно дејство со оглед на тоа дека во член 10 од склучениот договор е изрично определено дека тој ќе произведува правно дејство од моментот на достава на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите од страна на изведувачот. Со тоа Јакимовски на изведувачот му овозможил да ја изврши работата наведена во договорот, со што фирмата се стекнала со противправна помош од 2.845.234 денари.
М.Д во својство на раководител на Секторот за јавни набавки во општина Карпош во текот на 2012-2016 година ја злоупотребил службената положба и овластувања на начин што во спроведените постапки за јавни набавки со Алконпроект, иако знаел дека не е доставена банкарска гаранција, наместо да предложи активирање и наплата на банкарската гаранција на понуда и да објави негативна референца за понудувачот ги проследил договорите, со што му овозможил на правното лице да се стекне со противправната корист на име на неактивирани, т.е. ненаплатени банкарски гаранции на понуда, информираа од Финансиска полиција.