Казна од 12 години затвор за Стојанче Јовановски за смртта на Ивана и Катја

by valentina 10:57
10:57

Казна затвор од 12 години затвор, денеска, во Кривичниот суд, му беше изречена на Стојанче Јовановски, кој беше обвинет за трагедијата што се случи на 2 март годинава, кога неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја го загубија животот, по пад од балкон.

Јовановски беше обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.

Јовановски беше осуден и прогласен за виновен за сите три дела, а судијата за сите дела му ја досуди максимално предвидената затворска казна. За телесна повреда доби 5 години, за загрозување на сигурноста 3 години и за наведување и помагање во самоубиство 5 години. Судијата Ивица Стефановски посочи дека му се изрекува единствената затворска казна од 12 години.

Обвинителството побара тој да остане во притвор до правосилноста на пресудата, а судот го прифати предлогот.

Обвинителството, во завршен збор, побара максимална казна за обвинетиот оценувајќи дека во постапката е докажан континуитет на физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска, кое, според обвинението, кулминирало со трагедијата на 2 март годинава. Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда со став дека Обвинителството не ги докажало ниту последицата ниту каузалитетот за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот.

Слични вести