Кажаровски револтиран: Барам шанса да докажам дека сум невин, вака исто како да ме осудивте на доживотен затвор!

by fokus

На поголемиот дел од обвинетите во случајот „Ликвидација“, меѓу кои и новинарот Томислав Кежаровски, нема да им се суди, бидејќи кривичните дела за кои се гонеа се застарени. Оваа денеска го кажа обвинителката Марија Ѓорѓевска,  а обвинетите наместо да бидат радосни дека нивната судска голгота завршува, тие беа нервозни и револтирани.

-Јас сакам шанса да докажам дека сум невин и судот да ме ослободи, односно да добијам ослободителна пресуда, а не поради застарување или примена на поблага законска одредба, судењето тука да запре. Го замолувам судот, да ги погледне доказите и да види дека никогаш не го открив идентитетот на заштитениот сведок и не го открив неговиот телефонски број. Барам шанса да ја докажам вистината, рече револтирано Кежаровски во судница.

Кежаровски и по завршување на рочиштето рече дека одлуката на Обвинителствот е скандалозна.

-Сега сум осуден по втор пат и тоа на доживотна казна затвор, бидејќи немам право да се жалам и да ја барам правдата. Ова значи дека се било залудно. Засекогаш ќе се закопа и полициската местенка на лажниот сведок во „Ореше“, ни изјави Кежаровски.

Збор побара и поранешниот судија Иле Танев.

-Сериозно страдавме, затоа ќе продолжиме со борбата против обвинителката Лиле Стефанова и судиите, Дијана Груевска и Татјана Михаловска, кои учествуваа во полициската местенка. Ова беше бламажа за џабе, рече судијата Танев.

Обвинителката Ѓорѓиева во своето образложение напомена дека кривичното дело за кое се гонеа Кежаровси и Валентин Зафиров, член 42 од Законот за заштита на сведоци престанал да важи со измени и дополнување на Кривичниот Законик, кога се додал членот 369 а за откривање на идентитет на загрозен и заштитен сведок.

Затоа обвинителката најпрвин направи преквалификација и рече дека ги гони според новиот член, а за кој е предвидена затворска казна од 1 до 5 години. Ова значи дека делото застарело неодамна, односно за 10 години. Инаку, доколку се уште важеше стариот член, делото немаше да застари, бидејќи најмалата предвидена казна беше најмалку пет години.

Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а потоа беше во домашен притвор. Според Кривичниот суд,тој беше осуден на 4 години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.

Во овој случај осудени на правосилни казни беа и обвинетите:

Иле Танев,  единствена казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци.

Валентин Зафиров, казна затвор од 2 години и 6 месеци.

Ивица Ефремов, единствена казна затвор од 3 години.

Борис Николовски, условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело. (Судијата Николовски почина во 2017 година, поради што за него постапката се запира).

Сашо Лазаревски, условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело.

Валентина Вурмо

Поврзани новости