Кавадарци очекува Здравко Чолиќ да донесе повеќе посетители, отколку Цеца минатата година на гроздоберот

by Fokus

Кавадарци се подготвува за традиционалната манифестација Тиквешки гроздобер 2019. Настанот ќе се случува наредниот викенд, а за истиот ќе бидат одвоени над 10 милиони денари. Општината од буџетот одвоила 6 милиони денари, додека околу 4,5 милиони денари биле обезбедени од спонзори.

-Ако минатата година Кавадарци го урна рекордот во посетеност за време на Тиквешки гроздобер со околу 60.000 посетители, годинава очекуваме таа бројка да ја надминеме. Подготвени сме за настанот, увидовме недостатоци од минатата година и сега ги корегиравме, очекуваме манифестацијата да помине во весела атмосфера.

Минатата година и покрај многубројните посетители, безбедноста беше на највисоко ниво и немаше инциденти – изјави градоначалникот Митко Јанчев. Како потсетување, лани главна музичка гостинка во Кавадарци беше турбо фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ која го наполни градот со гости како никој музичар, па дури и политичар за време на митинг во минатото. Имаше посетители од сите градови, а многу од нив доаѓаа организирано со автобуси.

Годинава главна музичка ѕвезда е Здравко Чолиќ, кој ќе настапи во недела, на осми септември, а од општината веруваат дека тој ќе донесе дури повеќе посетители од Цеца и ќе го сруши ланскиот рекорд од 60.000 гости. Пред концертот на Чолиќ, од петок до недела во Кавадарци ќе настапат и голем број на други музичари од различни жанрови. Диџеи за најмладите, Антониа Гиговска, Јелена Розга, Влатко Стефановски и многу други, за сечиј музички вкус. Предвидени се низа на забавни, спортски и културни содржини, како и карневалско дефиле кое ќе се случува во недела

Поврзани новости