Кавадарчанката Б.М. (52), која лани во септември го избоде со остар предмет, а потоа го запали партнерот И.М. (70) во неговиот дом во Кавадарци е осудена на неправосилна затворска казна од десет години за убиство поради семејно насилство. До правосилноста на пресудата таа останува во притвор.
Настанот минатата година ја вознемири кавадаречката јавност. Убиството се случило на шести септември, а телото на починатиот беше пронајдено по два дена.
Градот живееше во страв, посебно повозрасните луѓе кои живеат сами, бидејќи не беше познат мотивот за убиството, ниту пак имаше осомничени лица. По три недели од кавадаречкото Јавно обвинетелство потврдија дека убиецот е откриен, како и дека се работи за жена, никогаш осудена за некое дело, работничка во фабрика која во слободно време работела како аргатка по лојзата.
Од она кое тогаш го изјавија за „Фокус“ лица кои ја познавале Б.М., таа била разведена жена и мајка на две полнолетни деца. Дури и нејзини пријателки со кои била во контакт секојдневно, не знаеле дека била во љубовна врска со убиениот, а по убиството таа продолжила да оди како аргатка, и не покажувала промени во однесувањето.
Според информациите од МВР, И.М. живеел сам, а убиството се случило во неговиот дом, по вербална расправа, која потоа прераснала во физичка пресметка, за да на крај жената со остар предмет му нанела повреди, го полила телото со запалива течност, го запалила и заминала.
Близу до телото имало плинска боца, па се претпоставува дека таа веројатно очекувала боцата да се запали и експлодира, за да не останат траги од убиството, но боцата не експлодирала и телото на убиениот било делумно изгорено.
За убиениот пак, кавадарчани кои го познавале раскажуваа дека целиот живот работел и бил имотен. Живеел сам, откако син му починал, а ќерката и соругата со која се развел се преселиле во друг град.
Во минатото имал камиони, а потоа и фарма и брашнара. Неофицијално, неодамна пред настанот продал дел од имотот за голема сума на пари.
Токму поради тоа што стануваше збор за имотен човек, актуелни беа претпоставките на граѓаните дека најверојатно бил убиен поради поради пари.
Обвинетата која првин го признала делото во ОЈО Кавадарци, во главната расправа негирала дека го сторила делото. Нејзиниот адвокат најави жалба на донесената пресуда.
Вики Клинчарова