Кавадарчани до градоначалникот: Цано, дека е в’кот ?

by fokus

Деновиве кавадарчани, во свој стил преку социјалните мрежи го потсетуваат нивниот градоначалник Александар Панов на ветувањата кои што им ги дал во 2013 година, во кампањата за локални избори, но се уште не ги остварил.

Едно од неостварените ветувања, кое што Панов им го даде на своите сограѓани пред камери, беше тоа дека во градскиот парк ќе се прави зоолошка градина во која ќе биде сместено целото животинско царство од Македонија и од Балканот. Се уште нема ниту трага ниту глас од ветените диви животни. Затоа кавадарчани, обраќајќи му се на градоначалникот нагалено со Цано, прашуваат каде е волкот (кој тие на својот дијалект го нарекуваат вк) , каде се лисицата, мечката…

kavadarci-park1
 
,,Кавадарци отсекогаш имало ЗОО градина. Токму поради тоа барање на граѓаните, и нешто што е наше идно дело во новата програма на ВМРО ДПМНЕ за овие локални избори, е изградба на оваа зоолошка градина, која ќе биде овде, на старата локација, во градскиот парк. Се работи за школска детска градина која што нашите деца ќе ги запознае со целото животинско царство во Република Македонија и на Балканот. Со тоа ќе го збогатиме фондот на знаење на нашите деца“, вети Панов уште пред три години.
 
Постарите кавадарчани се сеќаваат дека во градскиот парк пред повеќе децении имало пауни и други украсни птици и срни. Тие не паметат дека некогаш низ паркот им се шетале диви животни.
 
Освен ветувањето за зоолошката градина, Панов најавуваше и изградба на аква парк, детска градинка, нова противпожарна зграда… Ниту еден од овие проекти не е остварен.
Вики Клинчарова

Поврзани новости