Добрила Кацарска – претседателката на Уставниот суд вели дека не се согласува со измените во Кривичниот законик и е изненадена од нивното носење.
„Пред се би сакала да кажам дека сум навистина изненадена со носењето на овие измени од Кривичниот Законик, воопшто не знаев дека се спремаат такви измени. Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на КЗ, поготово не за вакви кривични дела“ – рече Кацарска на одбележувањето на денот на независноста во Градски парк во Скопје.
Таа се сомнева дека сега ќе имало вакви измени во Кривичниот законик, ако досега судиите имале донесено пресуди по сите тие предмети.
Во поглед на моите предмети, рече Кацарска, јас имав неколку од СЈО и истовремено го работев и предметот за нападот во Собранието, и сите мои предмети не само што се правосилно завршени, туку и се завршени и со вонредни правни лекови и пред Врховниот суд и таму се потврдени пресудите, затоа и реков, ако судиите имаа донесено во меѓувреме пресуди се сомневам дека ќе дојдевме до ситуација да имаме измени на Кривичниот законик.
На прашањето каков е нејзиниот став што овие измени се донесоа експресно, а дел од законите па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите, Кацарска вели дека е фрапирана од тоа како е донесен законот.
„Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата“ – рече Кацарска.