Веќе половина година Уставниот суд функционира со тројца судии помалку, а наскоро ќе му заврши мандатот и на уште една судија, Јован Јосифовски.
Ова значи дека судот ќе може и понатаму да одржува седници, бидејќи ќе биде запазен минимумот од пет судии, но нема да може да одлучува за предмети за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Или едноставно речено, највисокиот суд во земјава би бил со вразни раце, а најголемиот проблем е што на повидок нема решение.
Имено, изборот на тројца судии заглави, бидејќи е блокирана работата на собраниската Комисија за избори и именувања, откако БЕСА го напушти парламентарното мнозинство предводено од СДСМ.
Претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, вели дека крајно несериозно е да се остави судот да работи со шест судии, а наскоро и со само пет.
–Крајно несериозно е со месеци да не остават без судии. Со заминувањето на Јосифовски ќе останеме петмина, ќе можеме да одлучуваме, но тоа ќе биде оневозможено доколку отсуствува само еден судија. Исто така, поинаку е кога сме девет судии. Згора на се, ќе бидеме блокирани да одлучуваме за предмети за кои е потребно двотретинско мнозинство, појаснува претседателката Кацарска за “Фокус”.
Таа додава дека токму поради тоа и се уште не е одлучено по Указите.
–Секој предмет си има своја тежина, но Указите се особено тешки. Затоа не е исто кога за нив одлучувале шест наместо девет судии. Има повеќе тежина доколку одлучуваат сите судии, односно особено е важно во дискусијата да учествуваат сите деветмина. Можевме да гласаме и шестмина, и сите да сме усогласени, но тоа не е тоа. Поинаку е да гласале деветмина, па макар и тројца спротивно од останатите. Затоа указите не беа ставени на дневен ред, на пример Указот за Преспанскиот договор, ни изјави Кацарска.
Таа додава дека постојано апелира да се изберат судиите, додавајќи уште еднаш дека е крајно несериозна ваквата ситуација.
Кога Кацарска седна на претседателкото столче мандатот им заврши на Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати, а наскоро ќе му заврши на Јован Јосифовски кој беше избран во 2012 година.
За фаворит за нов уставен судија важи актуелниот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој пред неколку месеци за “Фокус” потврди дека би прифатил да се пресели во Уставниот суд.
–Одлуката ја носат пратениците. Доколку нивен став е дека можам да придонесам со работното искуство во оваа значајна институција, ќе прифатам, ни изјави тогаш Јовески.
Испразнетите места сега треба да се пополнат по предлози на Комисијата за избори и именувања.
Валентина Вурмо