Судењето за 27 април денеска беше одложено затоа што се уште се чека правосилна одлука по жалбите на обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.
Судијката Добрила Кацарска го одложи денешното, но и следните закажани рочишта. На почетокот од рочиштето таа повторно демонстрираше непопустливост кога и се обрати на адвокатка која доцнеше:
-Подобро за вас ќе беше да не влезевте. Во иднина не влегувајте воопшто – рече Кацарска.
Како што рече судијката, сите уважени барања за амнестија се правосилни, но не се правосилни решенијата за дел од барањата кои беа одбиени.
Од Судот додаваа дека е исправена грешката во решението на Горан Ѓошевски Леви, обвинет дека како шеф на обезбедувањето на Трајко Вељановски ги дал клучевите од собраниските врати. Решението е повторно испратено до Апелациониот суд, кој треба да одлучи по неговата жалба.
Следното рочиште е закажано на 21 јануари со завршни зборови на обвинителката Вилма Русковска.