Девојка и момче се извлекоа со условна казна, откако преку граница пренеле Косовка во багажник

by fokus

Двајца обвинети за криумчарење на мигранти се спогодија со обвинителството за организиран криминал, па наместо да им се судии, добија условни казни од една година. Обвинетите, 23-годишен македонски државјанин и 20-годишна Косовка нема да одат во затвор доколку во рок од три години не сторат ново кривично дело. Исто така, девојката во рок од две години нема да може повторно да влезе во Македонија.

-Кривично правниот настан се случил на 7.01.2019 година на Граничниот премин „Долно Блаце“ при влез во Република Македонија. Имено, по претходен договор, обвинетиот, со патничко моторно возило „Мерцедес“, бил дојден во Приштина каде го чекале обвинетата и нејзината другарка. Со цел да се прошетаат, тројцата се упатиле кон Скопје. При наближувањето кон косовскиот граничен премин, другарката ги информирала обвинетите дека не поседува документ за идентификација за да ја премине границата. Тогаш, обвинетата ја убедила да влезе во багажниот простор на возилото. Обвинетите, заедно со дваесет годишната сокриена девојка успеале да ги поминат границата на косовската страна и службата за проверка на лична идентификација на македонската граница. Но, при рутинска контрола на македонските царински службеници, обвинетиот соочен со фактот дека се проверуваат возилата, признал дека во багажниот простор се наоѓа девојка без документи за идентификација. По Наредба на јавен обвинител, на обвинетите им беше одреден краткотраен притвор, а девојката што илегално влегла во Република Македонија беше привремено задржана во Прифатен центар за странци и по дадениот исказ пред обвинител е вратена на територијата на Косово, информираат од обвинителството.

Оттаму додаваат дека јавениот обвинител во предвид ги имал возраста на обвинетите, нивното изразено жалење и каење поради стореното кривично дело, нивното коректно однесување во текот на кривичната постапка, како и придонесот кон нејзиното ефикасно завршување, ценеше дека се олеснителни околности за склучување на Спогодбите и одмерување на видот и висината на изречените казни.

-Судијата на претходна постапка ги прифати поднесените Предлог-спогодби и донесе Пресуда со која на обвинетите им изрече условни осуди, велат од обвинителството.

Поврзани новости